Портфолио-инвестициите ги опфаќаат вложувањата во странски сопственички капитал/сопственички хартии од вредност и акции/удели во инвестициски фондови каде што инвеститорот (резидент) поседува помалку од 10% од акционерскиот капитал, како и вложувањата во странски должнички хартии од вредност. Податоците за состојбата на портфолио-инвестициите на страна на средствата се прикажани вкрстено според: земјата на вложување и видот на хартијата од вредност, земјата на вложување и секторот на домашниот инвеститор и видот на хартијата од вредност и оригиналната валута во која се издадени хартиите од вредност. 

Вложувањата во странски хартии од вредност кои веќе се вклучени во податоците за официјални девизни резерви не се вклучуваат во категоријата портфолио инвестиции.



Најнови остварувања:

Состојбата на средствата врз основа на портфолио-инвестиции (вложувања на резиденти во странски хартии од вредност) на 30.06.2020 изнесува 402,3 милиони евра, од кои 367,7 милиони евра се вложувања во сопственички, додека 34,6 милиони евра во должнички хартии од вредност.

Анализирано по земји, најголеми портфолио-инвестиции има во Соединетите Американски Држави во износ од 284,1 милион евра и Германија од 40,8 милиони евра.

Од аспект на оригиналната валута на вложување, најголем дел од портфолио-инвестициите се направени во САД долари и во евра (од 291,6 и 99,1 милиони евра, соодветно).

Анализирано од аспект на секторот на домашниот инвеститор, осигурителните друштва и пензиските фондови имаат доминантно учество, чијашто состојба на портфолио-инвестиции изнесува 332,7 милиони евра, што претставува 82,7% од вкупните портфолио-инвестиции, на крајот од првото полугодие на 2020 година. Според секторот на нерезидентниот издавач, доминантно учество имаат вложувањата во хартии од вредност издадени од останатите финансиски институции  (освен пензиски фондови и осигурителни друштва и фондови на пазар на пари) и нефинансиските друштва (од 272,4 и 75,2 милиони евра, соодветно).





 

 
 




Архива на потрфолио инвестиции (КППИ)


За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)