Целта на ефективните девизни курсеви е да обезбедат значајни и споредливи мерки на ценовната и трошковната конкурентност помеѓу земјите. Ефективните девизни курсеви претставуваат геометриски пондерирани просеци од билатералните девизни курсеви на валутата на одредена земја со валутите на најголемите трговски партнери на земјата. Со коригирање за релативните движења на националните ценовни или трошочни показатели (домашната економија и странските трговски партнери) се добива реалниот ефективен девизен курс (РЕДК). Како ценовни показатели (дефлатори) за пресметка на РЕДК се користат индексот на потрошувачките цени, индексот на цените на производителите и индексот на трошоците по единица труд. 

Порастот на индексот на реалниот ефективен девизен курс на денарот се толкува како апрецијација на домашната валута и намалување на ценовната конкурентност, додека надолните движења на индексот укажуваат на депрецијација и соодветен пораст на конкурентноста.



Најнови остварувања:


Во април 2020 година во однос на истиот месец од претходната година, реалниот ефективен девизен курс пресметан според дефлаторот трошоци на живот забележа депрецијација од 0,1%, додека РЕДК според трошоците на производителите на индустриски производи забележа годишна апрецијација од 6,5%. Ваквите движења на РЕДК се во услови на различни остварувања кај релативните цени, пад на релативните трошоци на живот за 1,3% и раст на релативните цени на производители на индустриски производи за 5,2%. НЕДК оствари годишна апрецијација од 1,2%, предизвикана главно од апрецијацијата на денарот во однос на турската лира, руската рубља и британската фунта.
















За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)